Советот на општина Карпош вчера ја отфрли иницијативата на советничката група на СДСМ за запирање на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за населбата Карпош 4. Мнозинството советници од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ одлучија да не се разгледува предлогот, со тврдење дека истиот е незаконски и противуставен со што ќе се прекрши постапката за донесување на урбанистички планови. Во следната фаза од донесувањето на спорниот ДУП, Општина Карпош треба да ги разгледа поднесените забелешки на јавната анкета од граѓаните, која беше организирана во текот на летните месеци.
После постапувањето по забелешките од јавната анкета, градоначалникот на оваа општина може повторно да го стави предложениот урбанистички план на јавна расправа, доколку се утврди дека постојат значајни промени во однос на неговата првична верзија. Покрај неуспехот на советничката група на СДСМ по институционален пат да се избори за запирање на постапката за донесување на ДУП-от за Карпош 4, во изминатиов период градоначалникот Стевчо Јакимовски не успеа да го премисли ниту граѓанската иницијатива за собирање на потписи. Жителите на Карпош во канцеларијата на ДИК успеаја да соберат околу 2.600 потписи од неопходните 5.900, за успешно да се процесуира иницијативата.
Со своја реакција за вчерашната одлука на Советот на општина Карпош излегоа и од партијата ДОМ. „Скандализирани сме од исходот на вчерашната седница на Советот на општина Карпош, каде што советниците од мнозинството бранеа неодбранливо и застанаа против интересот на своите граѓани, за ДУП-от во Карпош 4“, соопштија од Демократската обнова за Македонија.