Во рамки на проектот на Министерството за култура за реставрација и конзервација на фасади од староградска архитектура, пет објекти покрај скопскиот булевар „Илинден“ добија нови фасади. Последен реконструиран е објектот на оваа сообраќајница со број 68, за што беа потрошени 6,8 милиони денари. Станува збор за станбен објект изграден во 1929 година, на кој му е вратен првобитниот автентичен изглед од периодот меѓу двете светски војни, со две нијасни на жолта боја.
* Извор на фотографија: Министерство за култура
Со зафатот беше направена целосна конзервација на фасадата и делумна реконструкција на објектот, заедно со замена на неговата покривна конструкција. Градежните работи ги изведе фирмата А.Д. „Пелагонија“ од Гостивар. Со проектот на Министерството за култура, на булеварот „Илинден“ беа реконструирани фасадите на Детскиот културен центар „Карпош“ и на три станбени објекти, меѓу кои и зданието познато како МЦМ. Во претстојниот период ќе продолжи обновата на фасади во Скопје со конзервација и реставрација на пет објекти од Старата скопска чаршија.