Градежните работи за изведба на пешачко – велосипедската патека со должина од два километри во скопското село Марино треба наскоро да започнат. Општина Илинден за изведувач на работите ја избра фирмата А.Д. „Карпош“. Патеката ќе се гради по должина на улицата „532“, од пешачкиот мост над каналот „Главен канал – горна зона“ до влезот во ова населено место. Времетраењето на потпишаниот договор изнесува 12 месеци, рок во кој целосно треба да се завршат изведбените активности. Од локалниот буџет за овој проект се издвоени средства во висина од 14.363.429 денари (околу 230.000 евра).
За пешачко – велосипедската патека во селото Марино е изготвено идејно решение од фирмата „Проект Инженеринг“ од Скопје. Во согласност со документацијата, предвидено е да се изведе пешачка патека, рекреативна и велосипедска патека, патека за ролери и скејтборди, како и ново зеленило во просторот. Долж целата патека ќе биде поставено осветлување, како и разни спортски реквизити за рекреација на граѓаните.