Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Напредува изградбата на филхармонијата
Следна статија
Отворена приватната градинка „Пиколини“ во Карпош 4

Критична маса в среда ќе вози за подобрување на безбедноста во сообраќајот

Објавено на 28.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Граѓанската иницијатива „Критична маса“ во среда повторно ги повикува граѓаните на велосипедско возење низ Скопје, овој пат под мотото „Стоп за убиствата во сообраќајот“. Во објавениот повик до граѓаните се вели дека на велосипедистите, пешаците и на лицата во инвалидска количка им се намалува просторот за движење и нормално функционирање во градот. Како реакција против ваквата ситуација во главниот град, „На Точак“ ги повикува сите граѓани да дојдат со својот велосипед на платото покрај фонтана во Градскиот парк во 17:30 часот. Покрај велосипедско возење, активистите овој пат подготвија и решенија на проблемот – предлози и барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот.

 

 

 

Од граѓанската иницијатива предлагаат мерки во четири различни области кои ќе ја зголемат безбедноста и мобилноста на ранливите учесници во сообраќајот. Целиот документ со 38 барања ќе биде доставен до сите надлежни институции. Меѓу нив, предлог на велосипедистите е под итно да се донесе национален Правилник за стандарди при планирање и проектирање на велосипедски патеки. Од „На Точак“ воедно бараат балансирана дистрибуција на уличниот простор за сите типови на сообраќај, намалување на ширината на автомобилските ленти на улиците, прекин на ретроградниот тренд на проширување на улици каде нема услови за тоа, како и забрзување на реализацијата на проектот „Скопје вело-град“.

 

Мотото „Стоп за убиствата во сообраќајот“ претставува реакција на неодамнешните сообраќајни несреќи во Скопје, кои предизвикаа серија од загинати велосипедисти и пешаци. „Сите овие трагедии немаше да се случат, или барем ќе беа во многу помал број, доколку брзото возење на автомобили не доби, свесно или несвесно, поддршка од политиките на надлежните градски и државни власти. Како? Сè што изминативе години се правеше на инфраструктурен план во овој град беше во полза на моторните возила и нивното брзо поминување. Кога се прошируваа улиците и булеварите се мислеше само на моторен сообраќај. Кога се штелуваа семафорите и сигнализацијата, беше важно колите најбргу да стигнат до својата цел. Кога, во ретките случаи, се градеа тротоари и вело-патеки, тоа се правеше со субстандардни димензии или пак се претвораа во паркинг – места за коли“, потенцираат од иницијативата „На Точак“.