Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) одвои над 3.000.000 денари за обнова на автокампот „Ливадиште“ во Струга. Фирмите „Бокоп“ од Лабуништа и „Сигурност-ДП“ од Скопје во наредните 12 месеци треба да ја обезбедат новата опрема и да извршат негово реновирање. Со претстојниот зафат ќе се санира електричната инсталација, водоводот, канализацијата, соларниот систем за топла вода, а зацртано е и да се сервисира пречистителниот систем за отпадни води. За автокампот ќе биде набавена нова опрема и алат за одржување. Со реализацијата на проектот барем делумно ќе се обнови некогашниот лик на „Ливадиште“.
На површина од 55 хектари, струшкиот автокамп „Ливадиште“ се состои од приколки и бунгалови за сместување на посетителите, а во рамките на кампот има продавница, кошаркарско и фудбалско игралиште, игралиште за мини голф, одбојка на плажа, ресторан и атрактивна плажа на кампот долга 1,5 километри. Покрај за реконструкција на автокампот, од ЕЛЕМ во изминатиов период инвестираа и во обезбедување на консултантски услуги за идна изградба на туристички комплекс на оваа локација.