Авиосообраќајот во земјава бележи позитивни статистички резултати во периодот јануари – август 2015 година. Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека бројот на превезени патници од македонските аеродроми е зголемен за 18,3% во споредба со истиот период лани. Во овој период од двата аеродроми се транспортирани вкупно 1.021.713 патници, со тоа што услугите на скопскиот „Александар Велики“ ги користеле 948.998 патници, односно за 16,8% повеќе во споредба со периодот јануари – август 2014 година. Од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид се превезени 72.715 патници, за разлика од минатогодишната бројка од 51.290 патници.
Најзастапени дестинации според бројот на патници за периодот јануари-август годинава се: Истанбул со 14,5%, Цирих со 9,1%, Виена со 7,1%, Малме со 5,9%, Базел со 5,4% и Лондон со 5,2%. Како причина за зголемување на бројот на превезени патници е и воведувањето на нови дестинации од Охрид и Скопје од страна на нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“.