Градот Скопје денеска ја започна реализацијата на втората фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Трета Македонска бригада, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев. Градежните работи за проширување на делницата долга 1.400 метри ќе се одвиваат од левата страна, гледано од Аеродром кон Центар. Булеварското решение предвидува изведба на четири сообраќајни ленти, зелен појас од 1,5 метри, велосипедска патека широка 2 метри и тротоар со ширина од 3 метри. Со зафатот ќе се изгради и средишна разделна жардиниера со ширина од 5 метри.
Градежните работи за проширување на сообраќајницата ќе се искористат и за поставување на атмосферска канализација долж целата траса, но и за инсталација на ново осветлување со 81 столб за улично осветлување. За остварување на проектот од градскиот буџет се издвоени 103,6 милиони денари. Изведувач на работите е косовската компанија „Ескаватори“ од Урошевац.
Булеварот Трета Македонска бригада е важна сообраќајница што го поврзува центарот на Скопје со голем дел од населбите во општина Аеродром. Градот Скопје во септември минатата година ја комплетираше првата фаза од проширувањето на оваа сообраќајна артерија, која опфати 1.243 метри од нејзината должина на потегот од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз.