Драстичен пораст на бројот на предвидени станови за градење во текот на јули. Според податоците на Државниот завод за статистика, во седмиот месец од годинава се издадени градежни дозволи за изведба на 956 станови со вкупна корисна површина од 72.255 метри квадратни. Од нив, 277 станбени единици ќе ги градат физички лица, додека во преостанатите 679, со вкупна површина од 43.628 метри квадратни, ќе инвестираат деловни субјекти. Споредено со јули 2014 година, бројот на предвидени станови за градење е зголемен за три пати, додека корисната површина на идните домови пораснала за 244,3%.
Главната причина за силниот пораст на овие статистички индикатори лежи во големиот интерес за градење на колективни згради и куќи во скопскиот регион. Од вкупно 956, скопските општини издале одобренија за градење за дури 729 станови. Меѓу нив, на првите три позиции на листата се наоѓаат општините Аеродром, Центар и Бутел. Во јули од страна на општина Аеродром се издадени дозволи за издигнување на 269 станови, администратицијата на општина Центар ја одобрила изградбата на 162 станови, додека во општина Бутел е предвидено да се изведат 127 нови станови. Како по обичај, приоритет кај овој сектор на недвижности добива изградбата на двособните и трисобните станови.
Покрај позитивните придвижувања во станбениот сектор, од Државниот завод за статистика денеска излегоа со информации за севкупен раст на градежништвото во текот на јули 2015 година. Бројот на издадени градежни дозволи е заокружен на 359, што е за 71,8% повеќе во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 5.576.256.000 денари, што е за 13,6% помалку во однос на идентичниот период лани. Намалената вредност се должи на фактот дека во претходниот период беше издадено одобрение за градење на капитален објект – магистралниот гасовод од Клечовце до Неготино.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 231 (64,4%) се наменети за објекти од високоградба, 40 (11,1%) за објекти од нискоградба и 88 (24,5%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 359 градби, на 227 (63,2%) како инвеститори во јули 2015 година се јавуваат физички лица, додека на 132 објекти (36,8%) инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk