Друштвото за трговија и услуги „Билд Урбан“ од Скопје во рок од шест месеци ќе го изработи идејниот урбанистички план и основниот проект за изградба на новиот Луна парк во Скопје, а врз основа на победничкото идејно решение на архитектите Климент Патчев, Филип Конески, Борис Јурмовски, Марјан Димиќ и Борко Георгиев, кое беше избрано во јуни годинава. Откако ќе се комплетира оваа фаза од проектот, градските власти ќе распишат тендер за избор на компанија што ќе го гради забавниот комплекс во рамките на Градскиот парк.
Новиот Луна парк вреден околу 7 милиони евра е најавено дека ќе се гради со финансиски средства од буџетот на Град Скопје, но и со помош од државниот буџет. Неговата изградба ќе се одвива етапно, и засега не се соопштува колкава површина од постоечкиот Градски парк ќе биде искористена за оваа цел. Градот досега не објавил визуелизации од идниот забавен парк, ниту пак датум кога би можело да се очекува почеток на неговата изградба. Градските власти со години безуспешно бараа приватен инвеститор за реализација на овој проект, но поради слабиот интерес се одлучија самите да се впуштат во инвестицијата.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk