На вчерашната седница на Советот на општина Карпош не се гласаше за измените во Деталниот урбанистички план за скопската населба Карпош 4. Оваа точка не се најде на дневниот ред, но затоа пак советниците од ВМРО-ДПМНЕ предложија засадување на 300 нови садници токму во оваа населба. Оваа идеја беше усвоена од сите општински советници. Од друга страна, граѓаните на населбата Карпош 4 до општината ја доставија петицијата со собрани потписи против менување на постојниот ДУП. Тие собраа 2.542 потписи против донесување на ДУП-от, што претставува 30 отсто од целокупното гласачко тело на населбата Карпош 4.
Жителите од населбата бараат општина Карпош да организира собир за дебата на оваа тема. Тие сметаат дека треба да се стопира целокупната постапка за донесување на спорниот урбанистички план. Воедно, граѓаните велат дека тие имаат поднесено претставки во однос на измените во ДУП-от, но досега не добиле повратна информација од општината. Од граѓанската иницијатива за зачувување на зеленилото во Карпош 4 најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со своите секојдневни активности, кои ќе се одвиваат до моментот на стопирање на усвојувањето на измените на урбанистичкиот план.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk