Агенцијата за катастар на недвижности успеала досега да издаде 130.000 имотни листови за легализација на дивоградбите на целата територија на земјава, а само два од нив се за инфраструктурни објекти. Од овие причини, летово е продолжен рокот за поднесување барања за легализација на подземната и на надземната инфраструктура до 31 декември 2015 година, додека рокот за поднесување геодетски елаборати истекува една година подоцна. Според официјалната документација на Катастарот, досега се поднесени 2.592 барања за легализација на инфраструктура од сите видови, вклучувајќи ја сообраќајната, канализационата, водоводната, енергетската, електрокомуникациската и друго.
Со најновите измени на Законот за катастар на недвижности, на субјектите кои градат нови инфраструктурни објекти им се овозможува да ги даваат под хипотека објектите уште пред да добијат имотен лист за нив. Од Агенцијата за катастар на недвижности потсетуваат дека најдоцна до 24 април 2016 година сите иматели на инфраструктурни објекти се должни до катастарот да достават пријави за запишување на 40 отсто од нив, а најдоцна до 24 април 2018 година треба да ги пријават и останатите сегменти од објектите.