Позначајно намалување на бројот на предвидени станови за градење е регистрирано во текот на јуни 2015 година. Врз основа на податоците на Државниот завод за статистика, во шестиот месец од годинава се издадени градежни дозволи за 209 станови, со вкупна корисна површина од 20.688 метри квадратни. Од нив, 189 станбени единици на површина од 19.020 метри квадратни е планирано да ги градат физички лица, додека во преостанатите 20 станови ќе инвестираат деловни субјекти. Споредено со јуни 2014 година, бројот на предвидени станови за градење е намален за 28,4%, додека нивната корисна површина е намалена за 22,7%.
Домашните и странските инвеститори во овој сектор на недвижностите се насочени првенствено кон изградба на двособни и трисобни станови. Во јуни 2015 година, од општините се обезбедени одобренија за градење на 54 живеалишта со две соби и 52 трисобни станови. Статистичарите пресметале дека скопскиот регион предничи на ниво на целата земја со 102 предвидени станови за градење, а по него следуваат полошкиот регион со 42 и југозападниот регион со 30 станови што допрва ќе се издигнуваат. Споредено по локални самоуправи, општина Карпош е прва на листата на издадени градежни дозволи за овој вид недвижности. Во оваа општина е предвидено да се градат 59 станови.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во јуни 2015 година се издадени 186 одобренија за градење, што е за 10,1% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.880.672 илјади денари, што е за 49% повеќе во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 116 (62,4%) се наменети за објекти од високоградба, 28 (15%) за објекти од нискоградба и 42 (22,6%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 186 зданија, во 134 (72%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека во 52 зданија (28%) инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски