Претходна статија
500 илјади евра за реконструкција на скопските средни училишта
Следна статија
При крај е реконструкцијата на Железничката станица во Скопје

Жерновски: Ќе го отстраниме влезот во седиштето на ВМРО–ДПМНЕ ако е дивоградба

Објавено на 20.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Ако Државниот инспекторат за урбанизам во рок од седум дена не одговори на барањето на градоначалникот на општина Центар да се направи увид од мешана инспекција за да се утврди дали влезот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е дивоградба, таа ќе биде отстранета. Ова ветување го даде градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, по реализираниот инспекциски надзор во кој се утврди дека „барокната“ зграда излегува од границите на градежната парцела и е ставена во функција без употребна дозвола. Општина Центар утре ќе испрати писмо до Градот Скопје и до Државниот инспекторат за урбанизам со кое ги повикува, заедно со надлежните од општина Центар да излезат на терен и да ја констатираат состојбата.

 

 

 

Првиот човек на општина Центар вели дека надлежните државни и локални институции треба заеднички да утврдат дали новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ е дивоградба. „Доколку не ни одговорат, ќе постапиме како со секоја дивоградба, без разлика за која политичка партија се работи, дали е на власт или во опозиција. Нивното објаснување дека издадениот дел на влезната врата е урбана опрема е смешно“, вели градоначалникот Жерновски.

 

Од Град Скопје веднаш по информациите од општина Центар излегоа со своја верзија околу спорниот објект. Тие тврдат дека издале решение за изградба на настрешница во функција на објектот во кој е сместено седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тие истакнуваат дека решението е издадено по барање на компанијата „Бетон“ од Скопје, дополнувајќи дека во овој случај не станува збор за урбана опрема, туку за настрешница на објект. Градот Скопје тврди дека целокупната постапка е во согласност со законот и е целосно во нивна надлежност.

 

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со тврдење дека целокупната постапка околу изградбата на објектот се врши легално и транспарентно. Оттаму велат дека постапката за добивање на употребна дозвола е направена од страна на инвеститорот во пропишаните рокови. „Дека се работи за ниска медиумска манипулација говорат фактите дека Жерновски, според нашите информации, нема официјално побарано никаков увид во објектот до ниедна од споменатите институции во неговиот прес“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Зградата со приземје, осум ката и поткровје започна да се гради во 2013 година. Изведувач на градежните работи е фирмата „Бетон“ од Скопје, а надзорот го вршеше „Евро Консалтинг“. Паралелно со изградбата на објектот, од Градот Скопје со сопствени финансиски средства го изведе новиот плоштад „ВМРО“ пред седиштето на оваа партија.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект