Петтиот месец од годинава носи намален интерес за изведба на станбени објекти низ целата територија на земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските општини во мај 2015 година издале одобренија за градење на 332 станови, со вкупна корисна површина од 28.748 метри квадратни. Падот кај предвидените станови за градење изнесува 34,1%, додека корисната површина на становите е намалена за 34,3% во споредба со идентичниот период лани. Деловните субјекти планираат изградба на 150 станови со површина од 9.118 метри квадратни, а во останатите ќе инвестираат физички лица.
Како што е вообичаено за македонскиот станбен сектор, инвеститорите се насочени првенствено кон вложување во индивидуални куќи и станови со помала квадратура. Во мај се издадени градежни дозволи за изведба на 123 двособни станови и 86 трисобни станови, по што следуваат домовите со поголема квадратура. Скопскиот регион предничи со 172 предвидени станови за градење во петтиот месец од годинава, по што следуваат југозападниот регион со 45 и пелагонискиот регион со 44 станови зацртани за изведба. Статистичарите утврдиле дека во општина Карпош ќе се градат најмногу станови во претстојниот период (107), а веднаш по неа следуваат општина Центар со 48 и општина Битола со 42 предвидени станови за градење.
Во мај 2015 година се издадени 186 одобренија за градење, што е за 4,1% помалку во однос на истиот период лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 4.397.718.000 денари, односно за 24,8% помалку во однос на мај 2014 година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 128 (68,8%) се наменети за објекти од високоградба, 23 (12,4%) за објекти од нискоградба и 35 (18,8%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 186 објекти, на 137 (73,7%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 49 зданија (26,3%) инвеститори се деловни објекти.
Бојан Блажевски