Новиот штаб на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ излегува од границите на градежната парцела и е ставен во функција без добиена употребна дозвола. Овие констатации произлегле од инспекцискиот надзор од страна на Општина Центар, кој беше извршен завчера. „Инспекцијата, при увидот на лице место, констатираше дека инвеститорот има ставено во функција дел од објектот, иако за тоа не се исполнети законските предуслови. Односно, објектот е во фаза на изградба и согласно Законот, „Бетон“ не може да достави записник од надзорен орган со кој ќе побара технички прием и упис во Катастар. Попрецизно кажано, објектот нема употребна дозвола.“, се вели во соопштението на локалната власт.
Дополнителен проблем кој го нотирала инспекцијата е дека над влезот на објектот има балкони и покриен дел, иако градежната маркица завршува со објектот. Според надлежните од Општината, инвеститорот немал законско право градбата да ја прошири над делот кој е сопственост на Република Македонија. „Инвеститорот се обиде да објасни дека од град Скопје добил дозвола за поставување урбана опрема на јавна површина, но овој дел не може да влезе во категоријата на урбана опрема.“, стои во соопштението на Општина Центар.
Инспекцијата повторно ќе побара од инвеститорот да овозможи увид на дел од објектот кој е пуштен во функција, со цел да констатира дали градбата одговара на одобрениот проект. Инспекцијата исто така ќе ги побара документите од Град Скопје и од инвеститорот АДГ „Бетон“ и најавува дека ќе донесе соодветни управни акти согласно позитивните прописи.
Објектот почна да се гради во 2013 година на местото на старата „жолта куќа“ кадешто дотогаш функционираше централата на ВМРО-ДПМНЕ. Изведувач на градежните работи е „Бетон“, а надзорот го врши „Евро Консалтинг“. На просторот пред зградата паралелно течеше и изградбата на плоштадот „ВМРО“.