Декорирани канделабри во златна боја никнаа на новото шеталиште на брегот на Охридското езеро. Идентичното осветлување што се поставува на скопските плоштади изградени преку владиниот проект „Скопје 2014“ започна да се поставува и низ Охрид. Локалната самоуправа деновиве ја привршува изведбата на новата пешачка и велосипедска патека, на потегот од каналот Студенчишта до месноста „Свети Стефан“. Должината на новото шеталиште во моментов изнесува 210 метри, но општина Охрид во наредниот период планира истото да го продолжи кон некогашниот хотел „Парк“.
* Извор на фотографија: Општина Охрид
Новата охридска променада започна да се гради пред четири месеци. Градежните работи ги изведуваат фирмите „Еуро стил“ од Охрид и „Инсталација“ од кичевското село Длапкин дол. Општината за овој проект одвои 6.781.307 денари, односно околу 110 илјади евра. Покрај пешаците, идното шеталиште ќе можат да го користат велосипедисти и ролерџии. Деновиве ЈП „Нискоградба“ завршува со бојадисување на асфалтот што е предвиден за велосипедската патека, додека ЈП „Проаква“ ги монтира предвидените фонтани.
Со изведбата на шеталиштето се навлегува во територијата на Студенчишкото блато, кое со патеката физички се одвојува од самото езеро. Екологистите и невладините организации од земјава веќе неколку пати предупредија за опасноста од уништување на блатото со градежните проекти, што е предвидено допрва да се реализираат на овој терен. Имено, на просторот на Студенчишкото блато е зацртано да се гради марина, но и луксузна населба. За да се спречи ваквата изградба, еколошките организации во моментов собираат потписи на петицијата за спас на Охридското езеро.
Бојан Блажевски