Неформалната граѓанска иницијатива „На Точак“ ги повикува жителите на Скопје на 38-та Критична маса што ќе се вози на 24 јуни низ улиците на главниот град. „Од август минатата година, сите јавни институции законски се обврзани да обезбедат паркинг за велосипеди. За оние кои што допрва ќе се градат, обезбедувањето на простор за велосипеди ќе биде услов да добијат дозвола за градба, а оние кои се веќе изградени имаат рок до 1 август да обезбедат. Нашето искуство низ градов ни кажува дека не сите јавни институции ја имаат исполнето оваа обврска“, велат од иницијативата „На Точак“.
Од иницијативата „На Точак“ бараат од јавните институции да овозможат безбедна локација под визуелна контрола на паркинзите, пристапна локација за тркала до паркинзите, лесна забележливост и нивна лоцираност во близина на влезот од објектот, осветлување на велосипедските паркинзи, поставување на држачи за велосипеди и други предлози кои можат да придонесат за полесно и побезбедно користење на велосипедот низ главниот град. Секој граѓанин може да ја даде својата поддршка за барањата на иницијативата „На Точак“ со присуство на настанот, кој започнува во 19 часот кај Паркот на франкофонијата.