Скопската велосипедска мрежа во 2017 година ќе се состои од четири главни велосипедски рути што е предвидено да се протегаат низ главниот град во насока исток – запад и дополнителни седум конектори во правецот север – југ. Ова се главните ветувања во проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОСИПЕД 2017“ што денеска го презентираше Град Скопје. Градските власти ветуваат дека најдоцна до 2017 година ќе реконструираат вкупно 51 километри од постоечките велосипедски патеки, кои во моментов се протегаат на 60 километри по должина на улиците и дополнителни 21 километри по Кејот на реката Вардар.
За новиот проект на Град Скопје зборуваше градоначалникот Коце Трајановски. „Според барањата на велосипедистите, велосипедските патеки што ќе ги изградиме или реконструираме ќе бидат покриени со асфалт, а не со бекатон плочки. Ќе обезбедиме рампи за глатко движење. Секаде каде што ќе може ќе ги отстраниме постојните пречки на велосипедските патеки – семафорите, знаците, билбордите, контејнерите. Велосипедските патеки ќе ги заобиколуваат автобуските постојки од задната страна. Воведовме унифициран и препознатлив начин за обележување на патеките со бела непрекината боја. Ќе овозможиме заштита на велосипедските патеки од паркирање на моторни возила“, истакна градоначалникот Трајановски.
Што сè предвидува проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОСИПЕД 2017“?
РУТА 1 – период на реализација: 2014 – 2015 година
Гази Баба – Центар – Карпош со должина од околу 8 километри
РУТА 2 – период на реализација: 2015 – 2016 година
Аеродром – Центар – Карпош – Ѓорче Петров со должина од околу 11 километри
РУТА 3 – период на реализација: 2016 – 2017 година
Кисела Вода – Центар – Карпош со должина од околу 8,5 километри
РУТА 4 – период на реализација: 2016 – 2017 година
Бутел – Чаир – Центар со должина од околу 5 километри
Седум конектори со должина од околу 19 километри – период на реализација: 2017
» Форумска дискусија за велосипедската инфраструктура во Скопје