Претходна статија
Санација на бедемот на летната сцена Долни сарај
Следна статија
Потпишан договорот за изградба на Домот за стари лица во Охрид

И во 2014 година најмногу нови станови во општина Аеродром

Објавено на 11.06.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Скопската општина Аеродром и во 2014 година останала најинтересна за компаниите што инвестираат во станбениот сектор. Според податоците на Државниот завод за статистика, само лани на територијата на оваа локална самоуправа се завршени 767 станбени единици со корисна површина од 43.614 метри квадратни. Погледнато во проценти, општина Аеродром привлекува преку 40% од целокупните инвестиции во станбениот сектор од страна на деловни субјекти, ако се земе во предвид податокот дека лани вкупно биле завршени 1.772 станови на територијата на целата земја.

 

Освен инвестирањето во овој вид недвижности во скопскиот регион, општина Струмица е уште една интересна точка за деловните субјекти во делот на вложување во објекти за домување. Во овој македонски град во 2014 година се завршени 179 станови со површина од 13.725 метри квадратни, а следен на листата е Охрид со 140 комплетирани единици за живеење. Статистичките податоци покажуваат дека просечната корисна површина на становите е 69 метри квадратни.

 

#Во сегментот на завршени домови градени во индивидуална режија, во 2014 година е заокружена изведбата на 3.584 станови со вкупна површина од 355.811 метри квадратни. Во индивидуална режија лани најмногу се инвестирало во нови домови во општина Гостивар, каде што се завршени 445 станбени единици со површина од 47.703 метри квадратни. Веднаш по Гостивар, втора на листата е скопската општина Центар, на чија територија се завршени 257 станови што се простираат на 18.655 метри квадратни. Врз основа на годишниот извештај на статистичарите, забележителна е и изградбата на 219 нови станови во општина Илинден, кои се простираат на површина од 23.909 метри квадратни. Просечната корисна површина на овие станови е 99,3 метри квадратни.

 

Во текот на 2014 година се издигнати вкупно 2.105 објекти за домување во индивидуална режија, додека деловните субјекти изградиле 1.734 објекти на територијата на целата земја.

 

 

Бојан Блажевски