За еден месец од почетокот на акцијата „Цел Центар на точак“, општина Центар субвенционираше купување на 550 нови велосипеди, од кои 200 пријавени веќе ги добија средствата. Секој заинтересиран граѓанин може да поврати до 30% од уплатената сума за секој купен велосипед, но не повеќе од 3.000 денари. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски вчера им додели подароци на првите 20 граѓани кои поднесоа барање за субвенционирање. Подароците се состојат од корпа за велосипед, ѕвонче, светло, сајла за заклучување и маички.
Општина Центар во годинешниот буџет предвиде средства за набавка на 1.111 велосипеди, што значи дека жителите од оваа скопска општина можат и понатаму да ги поднесуваат своите барања. „За само еден месец сме на половина од акцијата „Цел Центар на точак“. Бројката од петстотини и педесет купени велосипеди ја покажува успешноста на акцијата. Од досега пријавените, поголемиот број се дами, но радува и тоа што се купуваат велосипеди за најмладите“, истакна градоначалникот Жерновски.