Со средства од Министерството за култура, во Охрид во тек е завршната втора фаза од реализацијата на проектот за конзервација и санација на оштетениот јужен бедем на летната сцена Долни сарај. За да се заштити од натамошно пропаѓање, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид во изминатиот период интензивно работеа на реализацијата на зафатот кој што се одвива во две фази.
Во оваа етапа се работи на целосна санација на скалите и фугирање на внатрешниот скалишен простор кој ја поврзува сцената Долни сарај со езерскиот брег, а ќе се изврши и комплетна илуминација на скалите. Претходно, во првата фаза беше извршена реконструкција на оштетените делови од јужниот бедем, обновени се дотраените дрвени појаси и се направи мост кој го поврзува брегот со времената пешачка патека кон населбата Канео. Овој историски локалитет за време на Отоманската империја претставувал летен сарај на султанот.