Со финансиска поддршка од Министерството за култура, во тек се активностите за обнова на фасадата на уште еден објект од старата градска архитектура во Охрид. Станува збор за објектот на улицата „Св. Климент Охридски“, број 4 во кој е сместено Радио Охрид. Проектот за обнова на фасадата на овој значаен објект го изработија стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, а неговата реализација треба да започне до крајот на јуни 2015 година. Во согласност со проектот, на оваа масивна градба, изградена во класичен стил во почетокот на XX век, ќе бидат реализирани конзерваторско – реставраторски зафати на фасадата, а ќе се изврши и промена на надворешната столарија.
Министерството за култура во денешното соопштение наведува дека за годинава е предвидена обновна на надворешниот изглед на уште два објекти во Охрид, и тоа куќите на семејствата Ѓурчинови и Димзови. Најавениот зафат се одвива во рамките на проектот Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за обнова и конзервација на повеќе фасади на објекти од старата архитектура во значајните градски јадра во земјава.