Втората фаза од реконструкцијата и проширувањето на булеварот Трета Македонска бригада во должина од 1.218 метри треба наскоро да стартува. Надградбата на оваа сообраќајница што го поврзува центарот на Скопје со населбата Лисиче, на потегот од улицата Васко Карангелески до улицата Никола Карев се очекува дека ќе чини околу 1,8 милиони евра. Како и во претходната фаза, предвидено е да се изведат четири коловозни ленти, велосипедска патека и пешачки патеки. Долж булеварот ќе се постави ново осветлување и хортикултурно ќе се уреди целиот простор.
* Булевар Трета Македонска бригада
Пред да започне изведувањето на градежните работи, Градот Скопје треба да избере најповолен понудувач за овој проект. Понудите од компаниите треба да се достават најдоцна до 22 јуни, за кога е предвидено нивното јавно отворање. Првата фаза од проширувањето на булеварот Трета Македонска бригада беше комплетирана на почетокот од септември минатата година.
Бојан Блажевски