Претходна статија
Чаир во потрага по идејно решение за мозаици на плоштад „Скендербег“
Следна статија
Владата ќе го унифицира ликот на Старата скопска чаршија

По Тетово, биогасна електрана и во Битола

Објавено на 19.05.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Првата биогасна електрана на фирмата „Пелагонија Енерџи“ од Битола е впишана во Регистарот на електроцентрали што произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија. Енергетскиот капацитет со инсталирана моќност од 2 мегавати е вториот објект од ваков тип во Македонија по веќе изведената биогасна електрана на „Електро Шарри“ од тетовското село Требош. Биогасната електроцентрала е само прв од планираните три енергетски објекти кои би се изградиле на постоечките фарми за крави на ЗК „Пелагонија“ во селата Новица, Могила и Породин.

 

Врз основа на впишаните податоци во документот на Агенцијата за енергетика, во изминативе две месеци бројот на електроцентрали што ги ползуваат обновливите извори на енергија се зголемил на 96 фотоволтаични електрани, 44 мали хидроелектрани и 1 ветерница. Во Регистарот се впишани четири нови мали хидроелектрани и една соларна електрана. Заедно со биогасните електрани, енергетските капацитети што ја користат обновливата енергија на годишно ниво имаат планирано годишно производство од 287.812 мегават – часови електрична енергија.

 

Во делот на малите хидроелектрани, вкупната инсталирана моќ пораснала на 38.05 мегавати, додека годишното производство на електрична енергија е планирано да достигне 133.123 MWh. И покрај ваквите резултати, онаму каде што нашата земја има најголем потенцијал во искористувањето на обновливата енергија има и најслаб енергетски исход. Заклучно со 18 мај, вкупната инсталирана моќ на фотоволтаиците е заокружена на 15,94 мегавати, што е далеку од можностите што ги нудат високиот број на сончеви денови во годината. Република Македонија досега нема ниту еден поголем енергетски објект од овој тип.

 

 

Бојан Блажевски