Училишните згради, фискултурните сали и спортските игралишта во склоп на скопските средни училишта ќе бидат подложни на реконструкција со новиот проект на Градот Скопје. Во секое од училиштата „Раде Ј. Корчагин“, „Цветан Димов“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Браќа Миладиновци“ и „Арсение Јовков“ ќе се санираат оние делови од објектите на кои е неопходно да се изврши градежен зафат. Градската власт веќе го распиша огласот за пронаоѓање на најповолен изведувач на работите, кој е отворен до 20 мај.
Од буџетот на Градот Скопје за планираните санациони активности е предвидено да се одвојат 16.949.152 денари, без вклучен ДДВ. Веднаш по изборот на изведувач на работите, ќе се пристапи кон најавената реконструкција на скопските средни училишта. Градските власти во текот на секоја година одвојуваат финансиски средства за обнова на веќе постоечките објекти, која најчесто се одвива за време на летните одмори.
Бојан Блажевски