Претходна статија
ОСВРТ: Велосипед ДА, но КОГА и КАКО?
Следна статија
Продажба на земјиште за комерцијален објект во општина Карпош

Потпис за старт на реконструкцијата на здравствени објекти ширум државата

Објавено на 19.07.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерот за здравство, Бујар Османи, денеска потпиша договори со фирми изведувачи кои ќе реконструираат здравствени објекти опфатени со првата фаза на проектот поддржан од Банката за развој при Советот на Европа. Се работи за хрватските „Ингра“ и „Конструктор“,  „ДБС“ од Бугарија, како и домашите „Вардарградба“ и „Делта пром“. Предвидено е градежните работи да завршат најдоцна за 16 месеци и доколку не се испочитува дадениот рок ќе следат казни за изведувачите.


Со првата фаза на проектот е  опфатена реконструкција и доградба на 20 болници и здравствени домови: специјалната болница за гинекологија и акушерство „Чаир“, поликлиниките „Идадија“, „Букурешт“ и „Јане Сандански“, општата болница и здравствениот дом во Прилеп, општите болници во Велес, Охрид, Струмица, Гостивар, Куманово, Кочани и во Крива Паланка, психијатриските болници во Негорци и Бардовци, специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Јасеново“ близу Велес, Клиничката болница во Тетово и објектот на Интерните клиники во Клиничкиот центар во Скопје. Исто така е предвидена изградба на нова зграда за институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, но за овој објект сеуште не е комплетирана проектната документација и реализацијата на проектот е одложена.


Целиот проект за изградба и реконструкција на здравствени објекти се состои од три фази со вкупна вредност помеѓу 130 и 150 милиони евра. Првата фаза е во вредност од околу 30 милиони евра, од кои 23 милиони се заем од Банката за развој при советот на Европа што ќе се враќа во наредните 25 години со каматна стапка од еден процент на годишно ниво, а остатокот е од буџетот на Република Македонија. За неопходните подготовки за втората и за третата фаза, од Фондот за инфраструктурни проекти на Европската комисија веќе е обезбеден грант во висина од два милиони евра. Банката за развој при Советот на Европа исто така ќе учествува и во финасирањето на втората и третата фаза.