Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли и министерот за здравство Никола Тодоров денеска го пуштија во употреба реновираниот објект на Здравствениот дом во Гевгелија. Со финансиска помош од 323.000 долари од Европската команда на Армијата на САД, беше изведена нова термичка фасада на здравствената установа, беше реновиран Центарот за педијатриска нега и Одделението за имунизација, како и тоалетите на вториот кат од објектот. Главен изведувач на работите беше „ДОТ Архитекти“ од Скопје.
Амбасадорот Џес Бејли им се заблагодари на сите институции што кои помогнаа во реализацијата на проектот. „Ова всушност е еден дел од нашата помош што ја даваме во здравството, а дел оди во образованието каде особено поддржуваме проекти кои се занимаваат со интеретничка интеграција на децата. Со тоа сакаме да има добри здравствени услуги во државата и добро едуцирани деца кои тука ќе продолжат да градат“, изјави Бејли. Реконструкцијата на Здравствениот дом во Гевгелија започна пред една година, кон крајот на април 2014 година.