За милионската ограда на мостот „Слобода“ кај хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје ќе се потрошат дополнителни 16.000.800 денари или околу 260.000 евра. За оваа ограда со слики и мотиви од македонското културно наследство веќе се издвоија околу 1.150.000 евра од градскиот буџет во првата половина од 2012 година, но истата не е поставена на своето место до денешен ден. Градот Скопје пред еден месец потпишал договор со РЖ Институт од Скопје на име „дополнителни услуги за изработка и монтажа на заштитна ограда и канделабри согласно идејно обликовно решение за заштитна ограда и илуминација“, говорат информациите од Бирото за јавни набавки.
Времетраењето на склучениот договор е од дури 35 месеци, а градската власт има и образложение за целокупната постапка и за тоа што се случува со самата ограда во изминативе три години. „Потребата од промена на обликот на канделабрите е поради утврдување на начинот на нивно поставување на мостот имајќи ја во предвид постојната армирано бетонска конструкција и постојните армирано бетонски канделабри така што претставуваат основ за дополнителни услуги за леење“, се наведува во образложението. Проектната документација е променета со цел подобрување на одржување и експлоатација на мостот во целост. Извршено е подигнување на оградата и зголемување на вкупната висина на истата, со што се појавува и потребата од зголемување на висината на висечките столбови.
Стилската ограда на мостот „Слобода“ се работи врз основа на идејниот проект на авторите Константин Јанев и Маријан Камиловски. Покрај за кованата ограда, во изминатите години се одвоија финансиски средства за осветлувањето, санацијата на тротоарите и носечката конструкција на овој мост.
Бојан Блажевски