Претходна статија
Владата ќе го враќа автентичниот изглед на Старата скопска чаршија
Следна статија
Добивката на „Гранит“ лани се намалила за 42%

Значителен пад на предвидените станови за градење во февруари

Објавено на 09.04.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Деловните субјекти и физичките лица во февруари 2015 година се стекнале со одобренија за градење на 353 станови со вкупна корисна површина од 28.626 метри квадратни, објави денеска Државниот завод за статистика. Пресметано во проценти, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 20,7% во споредба со февруари 2014 година, додека корисната површина на живеалиштата бележи пад од 23,3% во идентичниот период. Локалните самоуправи во вториот месец од годинава на компаниите им издале градежни дозволи за 192 планирани станови за градење со корисна површина од 11.931 метри квадратни, додека во останатите објекти за домување ќе инвестираат физички лица.

 

 

 

Статистичките податоци покажуваат дека вниманието на инвеститорите било најмногу насочено кон издигнување на трисобни (115) и двособни станови (111) во текот на февруари 2015 година. Погледнато по региони, најголем број на станови се предвидени за градење во скопскиот регион (210), а по него следуваат пелагонискиот со 38 и полошкиот регион со 30 зацртани станови за градење. Заинтересираноста за издигнување на нови колективни згради и куќи за живеење е првенствено насочена кон скопската општина Центар (91 предвидени станови за градење), при што по неа следуваат општините Кисела Вода со 48 и Битола 31 станбени единици што допрва ќе се изведуваат.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во февруари 2015 година се издадени 226 одобренија за градење, што е за 6,6% повеќе во однос на истиот месец од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.788.919 илјади денари, што е за 49,2% помалку во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 149 (65,9%) се наменети за објекти од високоградба, 36 (15,9%) за објекти од нискоградба и 41 (18,2%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 226 зданија, на 143 (63,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица,  а на 83 објекти (36,7%) инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски