Претходна статија
Студентите од Архитектонски факултет утре ќе предаваат за ГТЦ
Следна статија
Владата ќе го враќа автентичниот изглед на Старата скопска чаршија

Не стивнуваат реакциите околу урбанистичкиот план за Студенчишко блато

Објавено на 08.04.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Идејата за изградба на луксузна населба и марина на просторот на Студенчишкото блато во Охрид наидува и на критики од странските медиуми. На специјализираната веб – страница Greenfudge е објавен напис со наслов „Заштитеното од УНЕСКО езеро во Охрид пред еколошка катастрофа“, во кој се наведува дека измените во Генералниот урбанистички план на Охрид се закануваат да уништат цел еко – систем. „Езерото е едно од 50-те најдлабоки и најстари езера во Европа и со своите 212 ендемски видови е едно од најважните водни еко – системи во светот“, се нагласува во објавениот текст на медиумот.

 

* извор: Студија за состојбата на остатокот од блатото 

 

 

Изминативе денови со сопствена реакција се јавија и од Хидробиолошкиот завод во Охрид, како една од најрелеватните институции во земјава по ова прашање. Во објавеното соопштение се нагласува дека официјалниот став на научната институција е потврдена уште на одржаната седница на 28.11.2014 година во однос на барањето за мислење по однос на измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план за Охрид. Хидробиолошкиот завод го нема променето своето мислење до денешен ден.

 

„Во даденото стручно мислење од страна на Советот на ЈНУ Хидробиолошки завод (кој е составен од 6 доктори на науки) беше истакнато дека треба да се обрне внимание на строга заштита на Студенчишкото блато кое е природен резерват на ендемични растителни и животински видови и плодишта за многу ципринидни риби. На крајот беше напоменато дека на овој локалитет треба да се избегнуваат секаков вид на градежни активности“, се наведува во соопштението од Хидробиолошкиот завод.

 

За разлика од официјалните ставови на научните институции и на невладиниот сектор, централната власт и охридската локална самоуправа имаат поинакви мислења во однос на ова прашање. Идната охридска марина ќе се гради на потегот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“ и тоа по пат на јавно – приватно партнерство, при што допрва ќе се утврди кој ќе раководи со проектот. Општина Охрид веќе реализираше Конкурс за избор на идејниот архитектонско – урбанистички проект за изградба на луксузна населба на дел од просторот што го зафаќа Студенчишкото блато, на кој е предвидено да се издигнат хотели, ресторани, резиденцијални објекти, апартмани и систем од поврзани канали и езерца.

 

 

Бојан Блажевски