Претходна статија
Четири месеци доцни проширувањето на улицата „Јордан Мијалков“
Следна статија
520.000 евра за конференциска сала во Музејот „Македонска борба“

82,1% од жителите на Центар сметаат дека ГТЦ треба да се реновира, но да ја задржи автентичната архитектура

Објавено на 02.04.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ со широка поддршка од жителите на општина Центар. Според истражувањето на јавното мислење што тие го споделија на денешната прес – конференција, дури 86,2% од граѓаните ја поддржуваат иницијативата „Го сакам ГТЦ“, додека 32,5% од жителите на скопски Центар во изминативе две години учествувале на барем една активност или кампања, како што е гушкањето на ГТЦ, потпишувањето петиција или протестирањето. Од изнесените податоци може да се увиди дека дури 85% од испитаниците ја поддржуваат одлуката да се одржи референдум за изгледот на трговскиот центар, додека 82,1% сметаат дека ГТЦ треба да се реновира, но да го задржи автентичниот архитектонски изглед. Во анкетното истражување биле вклучени 600 испитаници.

 

Со овие исклучително позитивни резултати, иницијативата „Го сакам ГТЦ“ ја започнува кампањата за анимирање на жителите на општина Центар да излезат на изјаснување на закажаниот референдум што ќе се одржи на 26 април. Во период од 20 дена ќе се одржат серија на настани, на кои може да се вклучи секој граѓанин како активист или волонтер. За учество во активностите може да се пријави секој граѓанин, а во текот на утрешниот ден од 17:30 до 20:00 часот во галеријата на Центарот за современи уметности во Паркот на франкофонијата ќе се организира средба на волонтери и активисти.

 

Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ имаат позитивно расположение за исходот од закажаниот референдум. „Овој ден историјата ќе го памети како почеток на вклучување на македонските граѓани во процесот на носење одлуки од заеднички интерес. Го повикуваме секој жител на општина Центар да го искористи своето право на глас и со тоа да придонесе кон развојот на демократијата во нашата држава“, апелираше архитектката Даница Павловска. Со излегувањето на закажаниот референдум на 26 април, граѓаните можат да се спротивстават на најавите за „барокизација“ на култното градителско здание на Скопје.

 

На референдумското изјаснување пред граѓаните ќе се постави следното прашање: „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ?“. Жителите на општина Центар ќе имаат можност да се изјаснат со опциите „За“ или „Против“ на гласачкото ливче. Процесот на изјаснување ќе се одвива на избирачките места во периодот од 7 до 19 часот, а процедурата на изјаснување е идентична како и гласањето за време на избори. На референдумот можат да излезат сите граѓани кои се впишани во Избирачкиот список на општина Центар, при што секој со себе треба да понесе валиден документ за идентификација.