Претходна статија
Владата ќе се советува за изградба на голф терени
Следна статија
Арачиново доби канал за отпадни води

Голема поддршка за референдумот за зачувување на ликот на ГТЦ

Објавено на 20.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Го сакам ГТЦ - 14.06.2013Македонскиот невладин сектор дава широка поддршка за одржувањето референдум на кој граѓаните од општина Центар би се определиле дали се за задржување на сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар. Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) испраќа апел до советниците на општина Центар да ја поддржат иницијативата за референдум, со што директно би им овозможиле на граѓаните да го реализираат своето уставно загарантирано право. Во оваа деликатна состојба во која се наоѓа македонската архитектура во моментов, од ААМ истакнуваат дека референдумот е историски важен момент за македонската демократија и повикуваат на поддршка од сите граѓани и организации.

 

Центарот за културно наследство ја изразува својата јавна поддршка и ја поздравува иницијативата за референдум во општина Центар за зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар. Од Јадро – Асоцијација на независната културна сцена посочуваат дека посегањето по Градскиот трговски центар е посегање по културниот идентитет на модерна Македонија. „Даваме целосна поддршка и инсистираме дека ова е крајниот момент кога граѓаните треба да ја преземат во свои раце сопствената историја, сопствената сегашност и сопствената иднина“, велат од Јадро.

 

И од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска излегоа со соопштение во кое ја поздравуваат иницијатива за одржување на референдум на 26 април. „Референдумот претставува најавтентична форма на граѓанска демократија и можност да ги обедини сите граѓани кои се поделени по различни основи, овозможувајќи им заеднички да одлучат за важни прашања од интерес на заедницата“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет. Од граѓанската иницијатива „Паркобрани“ сметаат дека зачувувањето на постоечкиот лик на ГТЦ е моментот во кој граѓаните можат да се обединат по едно прашање кое ги надминува партиските, верските или етничките поделби.

 

Предлогот на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ беше прифатен од страна на општина Центар, со напомена дека истиот ќе се одржи на 26 април. Првиот човек на Центар, Андреј Жерновски, пред два дена изјави дека граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат на прашање: „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?“. Советот на општината треба да одлучи за прифаќање на Предлог – одлуката за распишување референдум на претстојната седница.