Претходна статија
„Скопје 2014“ не мирува - ќе се доврши плоштадот „Карпошово востание“
Следна статија
Продажба на државно градежно земјиште во скопско Орешани

Во јануари со помалку предвидени станови за градење

Објавено на 06.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државниот завод за статистика регистрирал намалување на бројот на одобренија за градење кај новите објекти за индивидуално и за колективно домување. Македонските локални самоуправи во јануари 2015 година издале градежни дозволи за изведба на 383 нови станови, со вкупна корисна површина од 35.209 метри квадратни. Бројката на предвидени станови за градење е намалена за 39,4%, додека падот кај корисната површина е заокружен на 19,6% во споредба со јануари 2014 година. Деловните субјекти започнале со издигнување на 191 станови со површина од 14.364 метри квадратни, додека останатите живеалишта ќе ги градат физички лица.

 

 

Статистичките податоци покажуваат дека во јануари 2015 година имало најголем интерес за изведба на трисобни (130) и на двособни станови (91). Инвеститорите кај овој вид на недвижности своите финансиски средства ги насочиле кон југоисточниот регион, каде што се предвидени за градење 139 станови, а по него следуваат скопскиот (122) и полошкиот регион (60). Општина Струмица издала одобренија за градење на 131 планирани станови, локалната самоуправа од скопски Центар одобрила градежни дозволи за 58 станови, додека кај општина Гостивар бројката изнесува 45.

 

Според објавениот извештај на Државниот завод за статистика, во првиот месец од годинава се издадени 236 одобренија за градење, што е за 68,6% повеќе во однос на истиот период лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.578.227 илјади денари, односно за 35,8% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на градежни дозволи, 153 (64,8%) се наменети за објекти од високоградба, 26 (11%) за објекти од нискоградба и 57 (24,2%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 236 зданија, на 166 (70,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 70 објекти (29,7%) инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски