Претходна статија
АДСДП ќе ја намали цената на комерцијалните станови
Следна статија
Енергетска ефикасност е и рециклирање на градежниот отпад

Железницата руши неславни статистички рекорди

Објавено на 05.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонски железници – Транспорт во минатата година превезле само 803.000 патници или за 50.000 помалку во споредба со 2013 година. Државниот завод за статистика денеска објави дека неславните резултати од работењето се поклопуваат и во товарниот сообраќај, каде со воз биле транспортирани 2.376.000 тони стока. Колку за споредба, со истото претпријатие во 2009 година патувале 1.523.634 патници, односно двојно повеќе во споредба со минатата година.

 

 

 

Катастрофалните резултати се надоврзуваат и во последниот квартал од 2014 година, кога е забележано намалување на товарниот транспорт од 2,2% во однос на идентичниот период од претходната година. Мало подобрување кај бројот на патници има во периодот октомври – декември 2014 година, кога бројот на превезени лица се искачил на 222.000, односно за 2,8% повеќе во споредба со последниот квартал од 2013 година.

 

Наспроти негативната страна, македонскиот транспорт во 2014 година забележува најзначајни придвижувања кај воздухопловниот превоз. Со авион лани патувале 1.274.836 патници, при што бројот на превезени лица само во последниот квартал се зголемил за 27% во споредба со октомври – декември 2013 година. Како своевиден раритет во Европа, компаниите во Република Македонија го користат авиосообраќајот многу повеќе од железницата. Карго превозот забележува зголемување 18,6% во четвртиот квартал од 2014 година, при што во целата измината година се транспортирале 3.112.000 тони стока.

 

Како и досега, во македонскиот транспорт доминира автобускиот и камионскиот превоз. Товарниот патен сообраќај во периодот октомври – декември 2014 година бележи намалување од 14,2%, но сепак вкупната сума на превезена стока во минатата година се задржала на високи 31.587.000 тони. Со меѓуградски автобус лани патувале 8.101.000 патници, односно за 10 пати повеќе отколку со воз. Само во последниот квартал од 2014 година е констатиран пораст на бројот на патници од дури 59%. Добри резултати во работењето е забележано и кај градско – приградскиот превоз, кој во 2014 година го користеле 84.456.000 патници.

 

Државниот завод за статистика ги следи придвижувањата во транспортниот сектор преку четири извештаи што се објавуваат за секој квартал од годината.

 

 

Бојан Блажевски