Претходна статија
Реставрација на фасади на пет објекти во Велес
Следна статија
Железницата руши неславни статистички рекорди

АДСДП ќе ја намали цената на комерцијалните станови

Објавено на 04.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата одлучи да ја намали цената од 30 до 100 евра за метар квадратен за оние комерцијални станови што во моментов ги гради Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Станува збор за згради за колективно домување со 192 станбени единици во Скопје, Охрид и Струмица. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески информираше дека најголем пад на цените на становите што ги нуди АДСДП ќе има во Охрид. Наместо сегашната цена од 700 евра за метар квадратен, јавното станбено претпријатие ќе им понуди на граѓаните 40 станови од објектот „Расадник“ блок 2 по цена од 599 евра за метар квадратен.

 

 

 

Во Скопје на продажба се 126 станови, чија цена се намалува за 30 евра по метар квадратен, односно од 880 на 850 евра за метар квадратен станбена површина. АДСДП во Струмица на улицата „Ѓорѓи Василев“ им нуди на граѓаните 26 станови, кои се продаваат по цена од 499 евра за метар квадратен, наместо постоечките 570 евра за метар квадратен. Во согласност со донесената владина одлука, новите цени се без пресметан данок на додадена вредност.

 

Цветко Грозданов, директор на АДСДП денеска истакна дека во наредниот период во Скопје ќе подигнат уште три згради со 292 комерцијални станови. Една од нив ќе се гради во централното градско подрачје, додека двата други објекти ќе се градат во општина Карпош. „Како и досега, ќе одиме со 10 до 15 проценти пониски цени од оние коишто ги нудат правните субјекти“ изјави Цветко Грозданов.

 

По 10% од изградбата на комерцијалните станови на АДСДП во иднина ќе се одвојуваат за децата без родители. И покрај политиката на општествена одговорност, од јавното станбено претпријатие наведуваат дека работат со добивка, односно завршната сметка на АДСДП е во позитива за над 100 милиони денари. Во текот на претстојнава година ќе бидат пуштени во употреба 126 социјални станови во Прилеп, Демир Хисар и Ресен.