ЕВН вчера ја вклучи 110 киловолтната трафостаница „Делчево“ во централниот систем за далечинско управување на високо и среднонапонската електроенергетска мрежа. Со софистицираниот СКАДА систем (SCADA – supervisory control and data acquisition) овозможено е постојано далечинско набљудување на работата на трафостаниците, преглед на оптоварувањата во секој момент, реагирање на заштитите, како и контрола на прекинувачите. Тоа овозможува помалите прекини во снабдувањето со електрична енергија да бидат санирани веднаш, а времето за лоцирање на поголемите прекини да се сведе на минимум. Во моментот далечински се управуваат скопските трафостаници на високо и средно напонско ниво, како и 110 киловолтната трафостаница „Теарце“. По Делчево, наскоро во системот ќе бидат влучени и 110 киловолтните трафостаници „Полог“ – гостиварско и „Овче поле“ – штипско. Постапно и другите регионални трафостаници ќе бидат вклучени во централниот систем на далечинско управување.