Претходна статија
За две плажи на Преспанско езеро ќе се потрошат 1,5 милиони евра
Следна статија
„Барокот“ на ГТЦ не чека!

Охрид подготвен за изградба на променадата

Објавено на 14.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Избрани се градежните компании што ќе ја изведуваат променадата на брегот на Охридското езеро, на потегот од каналот Студенчишта до месноста „Свети Стефан“. Во зацртаниот временски период од 12 месеци, фирмите „Еуро стил“ од Охрид и „Инсталација“ од кичевското село Длапкин Дол треба да ја реализираат првата фаза од проектот. На овој дел од охридското крајбрежје ќе се изведе шеталиште наменето за пешаци, велосипедисти и ролерџии, со што постоечката патека од центарот на Охрид до каналот Студенчишта ќе се прошири понатаму и кон некогашниот хотел „Парк“.

 

 

 

За првата фаза од реализацијата на најавената променада во Охрид се издвоија финансиски средства во висина од 6.781.307 денари, односно околу 110.000 евра. Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески во вчерашната изјава за локалните медиуми посочи дека работата на овој проект ќе стартува во текот на наредните денови. Покрај изведбата на замислените патеки, предвидено е да се постави ново осветлување и урбана опрема долж целото шеталиште. По изградбата на првата фаза, општина Охрид ќе премине на спроведување и на втората етапа од проектот, која подразбира целосна изведба на променадата до месноста „Свети Стефан“.

 

 

Бојан Блажевски