Скопскиот аеродром „Александар Велики“ успеа да влезе меѓу трите најуспешни поголеми аеродроми на Балканскиот полуостров во годишниот пораст на бројот на патници. Фреквенцијата на патници од аеродромот во Скопје е зголемена за 22,7%, а пред него според овој параметар е единствено аеродромот „Никола Тесла“ во Белград. Како и минатите години, најмногу патници лани имал аеродромот „Кемал Ататурк“ во Истанбул, кој опслужил дури 56.954.790 патници.
Аеродром | Број на превезени патници во 2014 година | Промена на број на патници во однос на 2013 година изразена во % |
Истанбул „Кемал Ататурк“ | 56.954.790 | +11% |
Атина | 15.196.463 | +21,2% |
Букурешт „Хенри Коанда“ | 8.317.168 | +6,3% |
Солун | 5.072.691 | / |
Белград | 4.638.194 | +30,9% |
Софија | 3.815.158 | +8,9% |
Бургас | 2.530.368 | +2% |
Загреб | 2.430.971 | +5,6% |
Сплит | 1.752.657 | +10,8% |
Дубровник | 1.584.471 | +4,1% |
Приштина | 1.404.775 | -13,7% |
Варна | 1.387.494 | +5,2% |
Љубљана | 1.338.619 | +1,3% |
Скопје | 1.208.359 | +22,7% |
Тиват | 910.533 | +4,8% |
Сараево | 709.901 | +6,6% |
Подгорица | 701.320 | +3% |
* Извори на податоци: EX-YU Aviation News, национални статистички заводи, Википедија
Статистичките податоци за скопскиот аеродром „Александар Велики“ покажуваат дека неговите услуги ги искористиле 1.208.359 патници. Според информациите на специјализираниот блог Ex-Yu Aviation News, главниот македонски аеродром е седми по големина на територијата на поранешна СФР Југославија, ако се земе во предвид вкупната бројка на превезени патници во 2014 година. Леталиштата во Белград, Загреб, Сплит, Дубровник, Приштина и Љубљана имаат повеќе патници од аеродромот во Скопје, додека по него следуваат оние во Тиват, Сараево и Подгорица.
Единствен пад во бројот на патници во текот на минатата година е забележан кај приштинскиот аеродром „Адем Јашари“. Со намалување на патничкиот воздухопловен превоз од 13,7%, ова леталиште е и единственото на Балканскиот полуостров што бележи негативни резултати во 2014 година. Сите поголеми аеродроми во Бугарија, Романија, Турција и Грција бележат позитивни придвижувања, а се чини дека најголем успех има кај атинскиот аеродром „Елефтерос Венизелос“. Меѓународното леталиште во грчката метропола опслужило 15.196.463 патници, што претставува пораст од дури 21,2% во однос на 2013 година.
Меѓу земјите од поранешна Југославија, најголем статистички пораст во 2014 година е констатиран кај белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Вкупната сума на патници кои полетале и слетале во српската метропола изнесува 4.638.194 патници, односно за дури 30,9% повеќе во споредба со идентичниот период од претходната година. Наспроти него, најмалку превезени патници – 701.320 имал аеродромот во главниот град на Црна Гора.
Позитивните придвижувања на бројот на лица кои ги користат аеродромите во Македонија и во регионот се очекува да продолжат и во наредниот период. Во прилог на оваа теза оди и податокот дека нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ од јуни 2015 година ќе започне со нови директни линии од скопскиот аеродром „Александар Велики“ до леталиштата во Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридрихсхафен. Заинтересираноста на граѓаните за евтини авио билети во текот на минатата година е главна причина за значителниот пораст на сумата на превезени патници во авиосообраќајот.
Бојан Блажевски