Претходна статија
ТЕМА: Аеродромите во Белград, Скопје и Атина со најголем раст на Балканот
Следна статија
Во струшко Калишта и во Дојран ќе никнат туристички развојни зони

ТЕМА: Изградбата на станови повторно атрактивна инврстиција

Објавено на 08.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонските бизнисмени лесно ја заборавија 2013 како лоша година за инвестирање во изградбата на нови станови. По само една година, на домашниот пазар на недвижности повторно се појавуваат позитивни придвижувања. Цената на становите во Скопје на крајот од минатата година порасна, додека вкупната бројка на предвидени станови за градење во 2014 година се зголемила за 14,2% во споредба со годината пред неа. Земајќи ги во предвид овие показатели, може да се утврди дека изградбата на нови станови во Македонија станува повторно атрактивна зона за инвестирање.

 

Година Број на предвидени станови за градење Вкупна корисна површина на новите станови изразена во m2
2014 5.455 476.095
2013 4.773 412.759
2012 7.376 595.321
2011 6.286 532.726

 

 

Државниот завод за статистика во својот последен извештај за декември 2014 година ги објави и годишните бројки на предвидени станови за градење. Градежните компании и физичките лица минатата година обезбедиле одобрение за градење на 5.455 станбени единици, со вкупна корисна површина од 476.095 метри квадратни. Се работи за значителен раст во споредба со 2013 година, кога инвеститорите започнале да градат вкупно 4.773 станови, со површина од 412.759 метри квадратни. И покрај ваквиот раст, инвеститорите во изградба на нови живеалишта ќе треба да почекаат барем уште една година, за да може да ги достигнат статистичките показатели од 2012 година. Колку за споредба, тогаш биле издадени градежни дозволи за изведба на 7.376 нови станови, со корисна површина од 595.321 метри квадратни.

 

Општина Број на предвидени станови за градење во 2014 година Вкупна корисна површина на новите станови изразена во m2
Аеродром 1.221 65.694
Струмица 432 37.586
Центар 346 21.376
Сопиште 323 40.063

 

 

Ако се изврши анализа на придвижувањата во изградбата на живеалишта во 2014 година, ќе се види дека интересот за изведба на нови домови е насочен кон трисобните (1.815) и двособните станови (1.623). За овие површини има најголем интерес за купување од граѓаните, но не смее да се заборави фактот дека во статистичките податоци не влегуваат само становите од колективните згради, туку и индивидуалните куќи за домување. Вниманието при инвестирањето во нови станбени единици е насочено кон скопските општини Аеродром и Центар, но и кон Струмица.

 

Најмногу одобренија за градење на нови 1.221 станови во 2014 година биле издадени од страна на локалната самоуправа од Аеродром, а по неа следува општина Струмица, каде властите обезбедиле дозволи за изградба на 432 нови станови. Од општина Центар се издадени градежни дозволи за 346 станбени единици, со површина од 21.376 метри квадратни.

 

Покрај позитивните придвижувања во изградбата на овој вид недвижности што ги утврдил Државниот завод за статистика, вториот индикатор за заздравување на инвестирањето во нови станови е и нивната вредност во главниот град. Според податоците на Народната банка на Република Македонија, цените на становите во Скопје во третиот квартал од 2014 година забележале забрзан раст од 4% на квартална основа, но и зголемување од 2% на годишна основа. Од централната банкарска институција на земјава засега не сакаат да даваат попрецизни податоци дали ваквиот тренд на зголемување на вредноста на становите во македонската метропола ќе продолжи и понатаму.

 

 

Бојан Блажевски