Претходна статија
Силен раст на предвидените станови за градење во декември
Следна статија
Претставена фудбалската Академија што ќе се гради во Градски парк

Се решава горливиот проблем со инфраструктурниот катастар

Објавено на 06.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Агенцијата за катастар на недвижности активно работи на проектот за воспоставување на Инфраструктурен катастар во Република Македонија. Инвеститорите и граѓаните ќе можат бесплатно преку гео-порталот на веб страницата www.katastar.gov.mk да проверат какви инфраструктурни објекти минуваат низ нивните градежни парцели или објекти. Преку овој портал ќе може да се утврдат постоечките траси по кои минуваат оптичките и бакарните кабли, каблите за пренос на електрична енергија, гасоводните, водоводните и канализационите цевки, трафостаниците, антените и другите инфраструктурни објекти.

 

Во Катастарот за инфраструктурни објекти досега се евидентирани над 23.000 километри водови од телекомуникации, електроенергетика, водовод и канализација, како и над 142.000 точкасти објекти од типот на базни станици, трафостаници и антени. За веќе изградените инфраструктурни објекти, сите иматели се должни до април 2016 година да впишат 40% од своите инфраструктури во Катастарот, додека до април 2018 година комплетно да ги впишат и да добијат имотен лист.

 

Со измените на Законот за градење, сите одобренија за градење на нови инфраструктурни објекти општините треба задолжително најнапред да ги достават за предбележување во Катастарот. По изградбата, задолжително се доставуваат за впишување и добивање имотен лист за инфраструктурен објект. Со спроведувањето на овој проект, македонскиот катастар конечно ќе го реши проблемот со хаосот што владее во однос на подземната инфраструктура.

 

При каква било изградба на објект, инвеститорите ќе знаат точно кои водови минуваат низ парцелата, со што ќе се избегнат нивните оштетувања. Покрај тоа што нема да имаат прекини во електричната енергија или на водата поради скинат кабел или пукната цевка, македонските граѓани ќе имаат податоци за тоа кои точно инфраструктурни објекти има под земјиштето во нивна сопственост.