Изградбата на нови живеалишта во Македонија бележи значајно зголемување на крајот од минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември 2014 година се издадени одобренија за градење на 795 станови, што претставува пораст од фантастични 2,3 пати во споредба со последниот месец од 2013 година. Вкупната корисна површина на предвидените станови за градење во декември 2014 година изнесувала 64.441 метри квадратни, што претставува раст од 95,2% во однос на идентичниот период од претходната година. Во овие статистички бројки влегуваат сите видови на живеалишта што ќе се градат во претстојниот период на територијата на Република Македонија.
Публикуваниот извештај покажува дека деловните субјекти во декември 2014 година ја започнале постапката за изградба на 577 станбени единици со корисна површина од 37.987 метри квадратни, додека преостанатите станбени објекти е планирано да ги градат физички лица. Како и во досегашното искуство со инвестирањето во овој сектор недвижности, најголем интерес има за вложување во помалите и во становите со средна големина. Во дванаесеттиот месец од минатата година се издадени градежни дозволи за издигнување на 270 двособни и 251 трисобни станови.
Вниманието при алоцирањето финансиски средства во изградба на станбени објекти и понатаму е насочено кон скопскиот регион, во кој само во декември 2014 година се предвидени 332 станови за градење, а по него следува југоисточниот регион со 158 планирани станови за градење. На самиот врв се наоѓа општина Струмица, каде е зацртано да се изведат 149 станбени единици во наредниот период. Во скопската општина Кисела Вода ќе се градат 135 станови, додека општина Аеродром издала одобренија за градење на 102 станови на нејзината територија.
Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, во декември 2014 година се издадени 305 одобренија за градење, што е за 27,6% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 3.472.932 илјади денари, односно за 36,3% повеќе во споредба со идентичниот период од 2013 година. Од вкупниот број на одобренија за градење, 207 (67,9%) се наменети за објекти од високоградба, 30 (9,8%) за објекти од нискоградба и 68 (22,3%) за објекти за реконструкција.
Бојан Блажевски