Македонската влада на проектот „Скопје 2014“ досега потрошила 584 милиони евра, наместо првично планираните 80 милиони евра, објави денеска Петре Шилегов, портпарол на СДСМ. Од опозициската партија наведуваат дека има вкупно 800 договори за реализација на владиниот проект во центарот на главниот град, од кои 276 се во отворена постапка. „Оваа година „Скопје 2014“ ќе чини екстра 46 милиони евра“, изјави Шилегов. Според него за изградба на објекти се потрошени 402 милиони евра, или 5.500 евра по метар квадратен, за споменици, плоштади и мостови биле издвоени 106 милиони евра, додека за катни гаражи вкупно 76 милиони евра или по 50.000 евра за едно паркинг место во нив.
На денешната прес – конференција реагираа со соопштение од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, кои изнесуваат критики на кажаното од портпаролот на СДСМ. „Тој манипулира така што сè што е изградено во Скопје го става во Проектот Скопје 2014. Дополнително, многу од сумите со кои лиферува се неточни. Ова покажува дека Петре Шилегов е класичен манипулант. Впрочем јавноста веќе е добро запознаена за цената на чинење, бидејќи Владата точно објави дека се искористени 208 милиони евра за сè заедно, одејќи проект по проект“ се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија велат дека од СДСМ фабрикуваат измислици.