Претходна статија
Наместо катна гаража, општина Центар ќе гради училиште
Следна статија
Општина Велес продаде 13 градежни парцели

Првата финансиска зона ќе се гради во скопската касарна Илинден

Објавено на 25.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#На површина од 10 до 20 хектари во некогашната касарна Илинден ќе се градат административно – деловни згради и придружни услужни објекти, јави телевизија „Алфа“. Овие објекти ќе бидат дел од идната слободна финансиска зона, која ја најави премиерот Никола Груевски. За да се овозможи нејзино формирање, во Собранието на Република Македонија во моментов се врши менување на Уставот. Според јавно изнесената цел, со овој проект треба да се привлечат меѓународни финансиски институции, банки, осигурителни компании и инвестициски фондови во земјава.

 

Покрај ветувањето за реализација на прва финансиска зона, за натамошен развој на скопската касарна Илинден постојат и други замисли. Пред Нова година, министерот за одбрана Зоран Јолевски повторно го актуелизираше проектот „АРМ – мој вистински дом“, кој предвидува изградба на станбени објекти за припадниците на македонската армија. Во 2009 година беше најавено дека на овој простор ќе се изведат 1.400 станбени единици.

 

Дополнително, на почетокот од минатата година беше изнесена идејата да се изгради универзитетски кампус на Државниот универзитет во Тетово на површина од 25.000 метри квадратни. Во самата касарна за реализација на нови објекти е определена површина од 95 хектари , која е поделена на скопските општини Карпош и Чаир. Од локалната самоуправа на Карпош во изминативе години се обидоа да продадат десетини градежни парцели на заинтересирани инвеститори, но досега не се најде ниту една компанија што сака да гради на оваа локација.