Успешно електронско наддавање за неизградено градежно земјиште оствари денеска Општина Куманово. Приватните инвеститори купија шест парцели за изградба на три станбени згради, два индустриски објекти и трговски центар, од кои се очекува вкупен финансиски прилив во висина од 7.783.340 денари (околу 126 илјади евра). Во самиот град се продадоа три градежни парцели, една од 553 и две од по 674 метри квадратни, на кои во урбанистичките планови се зацртани станбени згради со приземје и седум ката. Се очекува Куманово да добие и нов трговски центар со приземје, три ката и поткровје, кој ќе се гради на парцела со површина од 921 метри квадратни.
Покрај во населеното место, локалната самоуправа успеа да најде инвеститори и за две градежни парцели од 16.485 и 16.835 метри квадратни за лесна и незагадувачка индустрија во месноста Речица. Имињата на купувачите на земјиштето ќе се знаат по уплаќањето на финансиските средства, по што Општината ќе склучи и купопродажни договори.