Претходна статија
Ќе бидат реконструирани болниците во Битола и Прилеп
Следна статија
Во Куманово ќе се градат станбени згради, трговски центар и фабрики

Гази Баба сака општинска зграда во стилот на „Скопје 2014“

Објавено на 15.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#„Оригиналноста, креативноста и естетиката“ како главен критериум за избор на архитектонски трудови повторно доаѓаат до израз на Конкурсите за избор на идејни решенија во главниот град. Токму овие критериуми беа пресудни за скопската општина Гази Баба да одлучи во полза на бирото „Архитектоника“ и новата општинска зграда со предвидена максимална висина од приземје и 15 ката да ја гради според нивната замисла. Со тоа архитектонскиот стил на владиниот проект „Скопје 2014“ ќе се проширува и кон населбата Автокоманда, ако се земе во предвид дека идното административно здание е предвидено да се гради на местото на постоечките општински бараки покрај булеварот Александар Македонски [»мапа].

 

Според пишувањето на денешен „Дневник“, „Архитектоника“ се стекна со првата награда во износ од 60.000 денари, втората награда во висина од 40.000 денари е доделена на трудот на „Пела проект“, додека третонаграденото решение со 20.000 денари е на авторите Искра Лековска, Владимир Лековски и Јордан Тасевски. Локалната самоуправа од Гази Баба ги откупила сите три архитектонски труда. Бирото „Архитектоника“ во наредниот период треба да изготви основен проект врз основа на избраното идејно решение.

 

Општина Гази Баба планира да ги гради новите административни простории по пат на јавно – приватно партнерство. Градежното земјиште со површина од 6.780 метри квадратни ќе се продава на електронско јавно наддавање, на кое приватниот инвеститор ќе треба да ја прифати обврската за реализација и на новата општинска зграда. Притоа, тој ќе биде ослободен од плаќање на комуналните такси. Со купувањето на земјиштето, приватниот партнер на него ќе може да подигне и втор објект за комерцијални и деловни намени веднаш до административното здание, кој исто така ќе може да има приземје и 15 ката.

 

Конкурсот за избор на идејно решение за идната општинска зграда во Гази Баба беше објавен во септември 2014 година, по неколкугодишните ветувања за изградба на нов административен простор за оваа локална самоуправа.

 

 

Бојан Блажевски