Претходна статија
Екологистите со остри критики околу изградбата на експресен пат Охрид - Пештани
Следна статија
Потпишан договорот со „Визер“ за шест нови авио дестинации

Се подготвува стратегијата за развој на енергетиката до 2035 година

Објавено на 13.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Предлог – стратегијата за развој на енергетиката во периодот 2015 – 2035 година денеска беше презентирана пред претставниците на Македонската енергетска асоцијација (МЕА). Во стратешкиот документ е разработено основното сценарио на „Работната верзија на стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија за периодот до 2035 година“, како и две алтернативни сценарија – она со засилени мерки за енергетска ефикасност, како и дополнето сценарио со мерки за поголемо искористување на обновливите извори на енергија. Врз основа на стратегијата изработена од МАНУ, предвиден е просечен раст на потрошувачката на финална енергија од 2,3% годишно, раст на вкупната потребна енергија од 1% и на електричната енергија од 1,1% на годишно ниво.

 

Во предложената стратегија е изоставена идејата за изградба на нуклеарна електрана на територијата на Македонија. Наспроти ваков објект, од МАНУ се надеваат дека земјава ќе се насочи кон реализација на проектите „ХЕ Бошков мост“, „ХЕ Чебрен“, „ХЕ Галиште“ и „ХЕ Велес“. Академската јавност предлага и доградба на агрегати на хидроелектраните „Шпиље“ и „Глобочица“, како и изведба на нова термоелектрана со моќност од 300 мегавати што ќе го користи јагленот од Мариово. „Основното сценарио најголем пораст предвидува кај потрошувачката на природниот гас и на обновливите извори на енергија како соларната и геотермалната енергија. Во финалната потрошувачка на енергија во 2035 планирано е електричната енергија да учествува со 24%, природниот гас со 16%, а нивото на потрошувачката на нафтените деривати да остане како во 2012 година“, изјави академик Глигор Каневче кој ја презентираше стратегијата.

 

 

 

Во делот на електричната енергија, производството кај термоелектраните што го користат јагленот ќе се намали од 50% на 30%, додека на хидроелектраните ќе се зголеми од 12% на 32%, а 30% од произведената електрична енергија ќе се добива од термоелектраните – топлани и од термоелектраните на природен гас. Во предлог – стратегијата е зацртано и намалување на увозот на електрична енергија на 170 гигават часови електрична енергија. Овој стратешки документ наскоро ќе биде објавен на веб – страницата на Министерството за економија, по што ќе следи јавна расправа.