Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се ѕида класицистичката фасада на објектот на МЕПСО
Следна статија
Ќе се работи на физибилити студија за проширување на рекреативниот центар „Пелистер“

Во ноември се намалил бројот на нови станови предвидени за градење

Објавено на 12.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонските граѓани и компаниите предвиделе помалку станови за градење во текот на ноември минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во претпоследниот месец од 2014 година се издадени градежни дозволи за 361 стан со предвидена корисна површина од 35.324 метри квадратни. Во споредба со идентичниот месец од претходната година, бројот на предвидени станови за градење е намален за 12,8%, додека вкупната корисна површина е намалена за 6,7%. Деловните субјекти во ноември 2014 година се стекнале со одобренија за градење на станбени површини од 13.397 метри квадратни, наспроти физичките лица кои ќе градат станбени единици со големина од 21.927 метри квадратни.

 

#Статистичките информации покажуваат дека најголем интерес кај инвеститорите постои за изградба на трисобни (131) и на четирисобни станови (91). Локалните самоуправи од скопскиот регион издале градежни дозволи за 128 предвидени станови за градење, по што следуваат југоисточниот регион со 92 и полошкиот регион со 65 планирани станови за реализација. Изградбата на нови станбени површини во претстојниот период ќе се насочи кон општина Струмица, во која минатиот ноември биле предвидени за градење 82 станови. По неа, следуваат општина Струга со 33 и скопската општина Ѓорче Петров со 32 живеалишта што допрва ќе се изведуваат.

 

Државниот завод за статистика денеска објави дека се издадени 281 одобрение за градење, што е за 54,4% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 3.601.885.000 денари, односно за 83,9% повеќе во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 181(64,4%) се наменети за објекти од високоградба, 41 (14,6%) за зданија од нискоградба и 59 (21%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 231 објект, на 184 (65,5%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 97 објекти (34,5%) инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски