Претходна статија
И Кисела Вода со отворени раце го дочекува барокот!
Следна статија
Во ноември се намалил бројот на нови станови предвидени за градење

ФОТО ВЕСТ: Се ѕида класицистичката фасада на објектот на МЕПСО

Објавено на 10.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Транспарентната стаклена фасада на објектот на МЕПСО во центарот на Скопје во иднина ќе ја заменат надворешни ѕидови и налепени апликации. Екипите на градежната фирма „Бетон“ од Штип веќе неколку месеци ја изведуваат новата класицистичка фасада на административно – деловното здание на оваа државна компанија. Дел од старата стаклена фасада е извадена, а во моментов се изведуваат новите надворешни ѕидови. Градежните работници ги вршат и подготовките за преобликување на бетонските столбови во антички. На градилиштето се наѕираат првите карактеристични облици на владиниот проект „Скопје 2014“.

 

###

###

 

 

Пред почетокот на градежните работи, од МЕПСО излегоа со информации дека тековната реконструкција се вршела поради „подобрување на енергетската ефикасност и реконструирање на канцеларискиот простор во зградата“. За остварувањето на овој проект досега се издвоија финансиски средства во висина од над 650 милиони денари, односно над 10,5 милиони евра. Изведбата на класицистичката фасада ќе продолжи и во текот на оваа година, по принципот на етапно завршување на планираните градежни активности. Основниот проект го изработи бирото „Неимар инженеринг“, надзорот над градежните работи го врши „Давос Инвест“ од Скопје, а одобрението за вршење на реконструкцијата го издаде Министерството за транспорт и врски.

 

И покрај тоа што се работи за објект во строгиот центар на Скопје, од државната компанија МЕПСО досега не ја удостоија јавноста со официјално објавување на идниот надворешен изглед на едно од зданијата во склоп на Телекомуникацискиот центар, кој е архитектонски споменик на главниот град.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски