Двата македонски аеродроми во 2014 година забележаа исклучително позитивни резултати во нивното работење. Според првичните неофицијални податоци, од скопскиот и од охридскиот аеродром лани биле превезени 1.278.343 патници, што претставува зголемување на бројот на патници за 20% во споредба со 2013 година. Само во декември се регистрирани вкупно 91.812 патници од двата аеродрома (40% повеќе во однос на декември 2013 година). Првичната статистика покажува дека бројот на летови од скопскиот „Александар Велики“ и од охридскиот „Св. Апостол Павле“ минатата година бил зголемен за 14%.
Врз основа на овие информации, очекувањата се дека лани скопскиот аеродром „Александар Велики“ опслужил околу 1,2 милиони патници, или за околу 20% повеќе во однос на 2013 година, кога од ова леталиште биле превезени вкупно 984.407 патници. Финалниот статистички извештај за бројот на патници од македонските аеродроми ќе биде објавен во текот на март од страна на Државниот завод за статистика. Во меѓувреме, очекувањата се дека Министерството за транспорт и врски наредните денови преку соопштение ќе ги потврди првичните неофицијални податоци.
Бојан Блажевски