Претходна статија
1,2 милиони патници на македонските аеродроми во 2014 година
Следна статија
Капацитетот на новиот стадион во Битола намален за 2.000 гледачи

Експанзијата на обновливата енергија во земјава ја одбележа 2014 година

Објавено на 08.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Минатата година ќе остане препознатлива по огромниот прилив на домашен и странски капитал во изградбата на помали енергетски објекти за производство на електрична енергија. Користењето на сонцето и на водата како обновливи и еколошки извори на енергија предизвика значителен интерес кај инвеститорите, па така земјава ја заокружи 2014 година со 92 фотоволтаични електрани и 35 мали хидроелектрани. За да се утврди колку е силен порастот во овој сегмент од енергетиката, доволно е да се споредат податоците на Агенцијата за енергетика на Р.М. од средината на март и од крајот на декември минатата година. За само девет месеци, во Регистарот на електроцентрали што функционираат во нашата земја се впишани дополнителни 54 соларни електрани и 6 мали хидроелектрани.

 

На крајот од претходната година, Македонија имала капацитет од сонцето да произведе 18.709 мегават часови електрична енергија или за преку 7.000 повеќе во споредба со март 2014 година. Планираното годишно производство на електрична енергија од малите хидроелектрани е проектирано на 115.571 MWh електрична енергија, што претставува зголемување од речиси 40.000 мегават часови во споредба со објавените податоци во март 2014 година.

 

Огромниот подем на помалите енергетски објекти што ја користат обновливата енергија може да се увиди и преку друг показател. Според информациите од Агенцијата за енергетика, вкупната инсталирана моќ на фотоволтаичните електрани на 30 декември 2014 година изнесувала 14,80 MW, додека кај малите хидроелектрани таа е заокружена на 30,339 мегавати. За да се увиди колкава е значајноста на овие помали енергетски капацитети изградени од приватните компании, доволно е да се спомене дека вкупната моќност на постоечката ветерна електрана „Богданци“ на ЕЛЕМ изнесува 36,8 мегавати.

 

Во Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија досега се впишани единствено фотоволтаични електрани, мали хидроелектрани и ветерници.

 

 

Бојан Блажевски